Словачка ја реши Украина на гости – на чекор е до двомеч со Македонија!

Денеска се одиграа две од осумте средби од вториот бараж за Светското првенство 2027 што ќе се игра во Германија.

Во центарот на вниманието на македонската јавност беше дуелот меѓу Украина и Словачка што се одигра во германскиот град Бенсхајм. Словаците ја добија првата пресметка со Украина со 27-24, откако и на полувремето имаа плус пет, 16-11.

Украинците беа со ослабен состав без голем дел од стандардните репрезентативци, но играше Турченко кој даде 11 голови од 20 обиди. Кај Словачка се истакна Бриатка со седум голови, додека Потиск и Прокоп ја затресоа мрежата на Украина по четири пати, додека голманот Зернович запре 12 удари.

Реваншот меѓу овие две селекции ќе се одиграа на 22 март во Повашка Бистрица, по што ќе биде познат ривалот на Македонија во третиот бараж за СП 2027.

Грција ја победи Белгија со 29-26, на полувремето беше 16-13, а членот на Охрид, Николаос Лиапис даде два гола за победничкиот состав.