Славеничка ноќ во Битола – Еурофарм Пелистер го сруши Загреб!

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер славеше против хрватскиот Загреб со 25-23 во натпреварот од првото коло во Лигата на шампионите. Иако битолчани можеа многу порано од последните секунди да го решат победникот, сепак дозволија драма, 24-23, Загреб имаше напад да си замине со бод од тешкото гостување, но не беше искористен, остана време за Хеидарирад да постигне погодок на празен гол и да ја потврди победата.

Пелистерци имаа силен старт, плус четири, напад и за плус пет, но до паузата Загреб се врати на гол негатива. Гостинскиот голман Грбавац успеа со неколку одбрани да го врати хрватскиот првак во второто полувреме. Имаа гостите и егал, потоа и плус два, но не издржаа до крајот во битолскиот пекол кој го создадоа „Чкембари“. На крајот заслужена победа на македонскиот првка кој запиша важни бодови на стартот во елитното натпреварување.

Лидери во нападот беа Манасков со осум и Кузмановски со седум погодоци, додека Хеидарирад имаше шест одбрани во второто полувреме. Кај Загреб се истакна Главаш со седум погодоци, а Грбавац запиша девет одбрани.

Уште на стартот пелистерци се одлепија на 4-1 и во продолжение ја одржуваа предноста. Немаа многу идеја гостите во нападот, па македонскиот шампион ги казнуваше сите грешки.

Беше и 8-4, момците на Гарабаја имаа шанса и за плус пет, но топката од Митревски не стигна до Манасков. Загреб го промени голманот и Суљевиќ влезе на местото на Грбавац, но следуваше период на грешки на двете страни. Хрватите преку Сковребадзе од далечина и Кавчиќ од контранапад се вратија на минус два, 8-6, па Гарабаја веднаш реагираше во тајм-аут кога поминаа петнаесетина минути од мечот.

Загреб успеа да намали и на гол негатива, но капитенот Кузмановски повлече кога беше најпотребно и битолчани одново отидоа на предност од три погодоци. Беше исклучен Павле Атанасијевиќ, гостите тоа го искористија и беше пак 13-12. Домашните го имаа последниот напад, но не успеаја да се организираат и на пауза се замина со истиот резултат.

На стартот на второто полувреме капитенот Кузмановски беше исклучен поради наводна глума, па Загреб стигна да направи пресврт и за првпат да поведе со 15-14, а згора на се Манасков промаши пенал и хрватскиот тим почна да се одлепува резултатски.

Хеидарирад одбрани еден удар, прецизни беа Манасков и Тајник за реми, 16-16. Како одминуваше времето така се зголемуваше притисокот на двете страни, па следуваа многу грешки по предноста на битолчани 18-17. „Нинџа“ запре удар на Сковребадзе, а Кузмановски казни со гол, па кога остануваа уште петнаесетина минути до крајот гостинскиот тренер Николиќ побара тајм-аут.

Грбавац го одржуваше Загреб во живот и ги одбрани ударите на Кузмановски и Манасков, а Пжитула даде гол за гол негатива, 20-19. Битолчани во последните пет минути влегоа со плус три, 22-19 и со тајм-аут од Гарабаја за последните совети. Следуваа две грешки на македонскиот првак, Карачиќ намали пак на минус еден, 24-23 и во последната минута се влезе со тој резултат, а Грбавац го запре ударите на Кузмановски и Пешевски што можеа да значат победа.

Останаа дваесетина секунди до крајот и Николиќ веднаш повика тајм-аут. Кавчиќ згреши, Хеидарирад погоди од гол на гол и почна битолското славје.

Во следното коло Еурофарм Пелистер гостува кај ПСЖ во Франција, додека Загреб оди на второ гостување по ред, овојпат кај Висла Плоцк.