Скандалозна одлука на мечот Германија – Португалија, ЕХФ ја призна грешката

Германија ја совлада Португалија со 32-30 во првото коло од главната рунда на Европското првенство, но натпреварот доби продолжение надвор од теренот поради контроверзниот погодок постигнат во последните пет секунди.

Германците реализираа по изведување од центар, иако дел од нивните играчи прерано ја минаа централната линија, што предизвика жестоки реакции од португалската страна. Од ЕХФ признаа дека е направена судиска грешка и детално ја објаснија ситуацијата.

„На 59:55 германскиот играч со број 54 го изведе почетниот удар по голот на Португалија. Проблемот настана бидејќи двајца германски играчи со број 5 и број 23 ја минаа централната линија пред судискиот свиреж. Потоа број 23 ја прими топката и постигна гол. Исправната процедура ќе беше повторување на почетното фрлање, но според нашата проценка тоа немаше да го смени поседот на топката“, соопштија од ЕХФ, додавајќи дека ситуацијата не може да биде предмет на ВАР.

Селекторот на Португалија, Пауло Переира, немаше дилеми околу регуларноста на погодокот.

„Последниот гол на Германија беше нерегуларен. Се надевам дека тоа нема да ни се одрази во конечниот биланс на групата“, изјави Переира.

Португалците стравуваат дека на крајот гол-разликата може да биде решавачка при изедначена разврска во групата.

🎥 Переира и Португалците беснееја на судиите: Веројатно не ги знаеме правилата!