Тимот на Глорија Бистрица е најпријатното изненадување оваа сезона во женскиот ракомет во Романија.
Овој клуб покрај тоа што обезбеди место во четвртфиналето од Лигата на шампионите, во моментов е лидер на табелата и во романскиот шампионат со 36 бода, еден повеќе од фаворизираниот ЧСМ Букурешт кој има 35.
Но тимот на Глорија Бистрица не е баш омилен кај сите во Романија. Тамошен пратеник јавно ги обвини локалните власти дека клубот исплаќа месечни плати и до 12.000 евра, при што средствата доаѓаат директно од државниот буџет. Според него, станува збор за значителни суми кои се трошат со недоволна транспарентност.
„Зборуваме за плати од 8, 10, па и 12 илјади евра, кои на крај ги плаќаат граѓаните. А притоа нема јасна слика како се трошат тие пари“, изјави пратеникот за „ГСП“.
Во својата критика, тој ги посочи и локалните власти, меѓу кои и градоначалникот Габриел Лазани и претседателот на советот, обвинувајќи ги дека даваат приоритет на финансирање на клубот наместо на инфраструктурни проекти.
Од Глорија Бистрица експресно реагираа и ги отфрлија обвинувањата, нагласувајќи дека според важечките закони не е дозволено исплата на плати повисоки од 6.850 евра од јавни средства.
„Тврдењата за повисоки суми се неточни и ја доведуваат јавноста во заблуда“, соопштија од клубот.
Сепак, дел од локалните медиуми пренесуваат дека одредени исплати би можеле да се реализираат преку статус на индивидуални претприемачи, што потенцијално овозможува заобиколување на законскиот лимит. Од клубот не ги потврдија директно овие наводи, но повикаа да престанат, како што велат, „дезинформациите и неоснованите напади“ кои му штетат на имиџот на тимот и ракометарките.









