Скандал во Полска: Најголемата ѕвезда ја напушти репрезентацијата среде СП без дозвола!

Голем скандал го тресе полскиот ракомет. Тамошната федерација го казни кружниот напаѓач Камил Шипжак, бидејќи без дозвола го напуштил тренинг-кампот на националниот тим во Пореч среде Мундијалот.

Полска игра во Президент Купот, а таму за 25 место на СП ќе се бори утре со селекцијата на САД. По соопштението од полската федерација, се огласи и Шипжак на социјалните мрежи, но со различна верзија на настаните.

„Во врска со заминувањето на играчот Камил Шипжак од тренинг-кампот, спортскиот директор одобри дисциплинска казна која му ја изрече селекторот Марцин Лијевски. Сите понатамошни одлуки ќе бидат донесени по деталното објаснување, откако репрезентацијата ќе се врати од СП“, се вели во соопштението.

Шипжак ги негира обвинувањата.

„Поради неможноста на стручен пристап на лекување на мојата повреда, мојот клуб ПСЖ го замоли тренерскиот штаб да ме пушти да се вратам во клубот, за лекарите прецизно да ја детектираат повредата. По консултацијата со селекторот Лијевски, го напуштив тренинг-кампот. Од почетокот на СП се борев со големи болки. Играњето во репрезентацијата секогаш ми била и е најголема чест и приоритет, но би можел да дадам 100% ако сум потполно здрав. Лажните и непотполни информации објавени во јавноста, се штетни на мојот добар глас и имиџ“, напиша Шипжак.

Полска одигра реми со Чешка, а загуби од Швајцарија и Германија, заврши последна во групата, па мораше да игра во Президент Купот.