Францускиот женски ракомет е под силен удар откако Националната комисија за контрола и управувањ изрече серија строги санкции против повеќе клубови поради финансиски и административни нерегуларности. Одлуките директно ги погодија и елитната лига и втората дивизија, а последиците веќе се мерат во бодови, забрани и ограничени амбиции.
Во највисокото натпреварување, под санкции се најдоа два клуба. Тулон доби најтешка казна – одземање на пет бода. Казната може драматично да влијае врз борбата за опстанок и пласман, а клубот најави дека ќе ја оспорува одлуката.
Самбр Авенуа е казнет со одземање на два бода со условна суспензија до 30 јуни 2027 година, што значи дека бодовите нема веднаш да бидат одземени, но секој нов пропуст автоматски ќе ја активира санкцијата.
Уште пожестока е ситуацијата во втората дивизија каде санкциите погодија три клуба.
Сен Грегуар Рен доби директно одземање на два бода, плус уште два бода условно, што сериозно може да влијае на пласманот и борбата за повисок ранг. Атлетик Бегле е санкциониран со три бода условно до 30 јуни 2026 година и ќе биде под посебен надзор во следниот период.
Ла Рош Сир Јон Ванде доби двоен удар – три бода условно до 30 јули 2027 година, но уште поважно, клубот го загуби ВАП статусот, што значи дека дури и со добар спортски резултат нема право да се бори за промоција во елитата.
Со овие одлуки, контролниот орган испрати јасна порака дека финансиската дисциплина нема алтернатива. Реални буџети, покриени обврски и транспарентно управување стануваат услов без кој нема натпреварување, без разлика на резултатите на теренот.

























