Неверојатни сцени се случуваат во пресрет на полуфиналето на Европското првенство директно на штета на хрватската репрезентација. Наместо да бидат сместени во Хернинг, градот каде што се игра завршницата на турнирот, хрватските ракометари се испратени 40 километри подалеку, во Силкеборг.
Во исто време, сите останати полуфиналисти, Данска, Германија и Исланд, sе сместени токму во градот-домаќин на натпреварите.
И како тоа да не е доволно, Хрватска одигра две натпревари во два дена, а по исцрпувачката победа над Унгарија, хрватската делегација мораше пет часа да патува со автобус од Малме до Хернинг, и тоа еден ден пред полуфиналниот меч.
„Патувањето беше толку напорно што некои играчи буквално спиеја на подот од автобусот, целосно исцрпени од неверојатниот ритам и, според многумина, лошата организација на турнирот“, сведочат хрватските новинари во текстот на Gol.hr.
Хрватска во петок од 17:45 часот ќе игра полуфинале против Германија, но ваквиот третман фрла дополнителна сенка врз и онака згуснатиот и физички исклучително напорен распоред на Европското првенство.
Дали ваквиот однос кон хрватската репрезентација е случаен или намерен, останува непознато. Но едно е сигурно – ова е срамна слика за организацијата на еден од најголемите спортски настани во Европа.
Селекторот на Хрватска, Дагур Сигурдсон, бесен поради одлуките на ЕХФ, донесе радикална одлука и реши да го бојкотира утрешниот прес со акредитираните новинари.

























