Сиверт: Среќни сме за победата, се фокусиравме најмногу на одбраната

Германскиот вицепрвак Фуксе Берлин предводен од голманот Дејан Милосављев, славеше со 30-22 на гостувањето кај Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите.

Бундеслигашот уште во првото полувреме ја одработи својата задача, од 17 до 30 минута од натпреварот прими само еден гол. Тоа беше клучниот момент за победата на гостите.

Тренерот на Фуксе Берлин, Јарон Сиверт, ги истакнаа своите импресии по освоените бодови, односно по првата победа во ЛШ.

„Можам да кажам дека см среќни за оваа победа во една ваква тешка и жешка атмосфера. По 15 минути игра го кренавме темпото, ја подобривме одбраната, голманот бранеше добро, фати неколку топки по ред. Во вториот дел знаевме дека тимот на Еурофарм Пелистер може да ни направи проблем. Ние дадовме максимум и се фокусиравме најмногу во играта на одбраната. Примивме само 22 гола, тоа е добро, среќни сме за првата сезонска победа во ЛШ сезонава и првата победа по враќањето во ЛШ по долг период”, изјави Сиверт.

Екс голманот на Вардар, Дејан Милосављев, исто така истакна дека е задоволен од победата од осум гола разлика.

,,По 11 години се вративме во ЛШ и освоивме важни бодови, уште во првиот момент по доаѓањето тука се чувствувам одлично. Што се однесува до натпреварот, одигравме одлично и во нападот и во одбраната, горд сум на победата и бодовите кои ги освои мојата екипа”, изјави Милосављев.

Следен предизвик за избраниците на Сиверт ќе биде натпреварот со Фредериција во Данска.