Сите детали на едно место – стартува ЕП за младинки во Црна Гора

Потрагата по европската слава ќе биде пожестока од кога било, бидејќи 24 учесници, во споредба со 16 на претходните изданија, ќе се натпреваруваат на највисоко ниво за титулата на младинското ЕП 2025 во Црна Гора.

Акцијата започнува со четири дена натпревари во прелиминарната рунда, каде тимовите ќе се борат да соберат што е можно повеќе бодови за да бидат меѓу првите две екипи во секоја група, што гарантира билет за главната рунда.

Македонија ќе се соочи со европскиот првак Унгарија, но и со незгодните Полска и Чешка, а селекторот Симе Симовски нема да смета на две важни ракометарки – Ива Младеновска и Хана Мифтари, кои се повредени, како и на Маја Раткушиноска која се повреди за време не подготовките за ЕП. Македонија првиот меч го игра вечерва со почеток во 19:30 часот во „Бемакс Арена“ во Подгорица.

Унгарија доминираше на ова натпреварување во последните години, со три последователни титули — во 2019, 2021 и 2023 година — што ги прави јасни фаворити и во 2025 година.

На прв поглед, актуелните шампиони имаат прилично лесна задача во групата А. Сегашната генерација унгарски ракометарки не успеа да се искачи на подиумот на кадетското ЕП 2023, завршувајќи на петтото место, што им дава мотив да се борат за медал сега.

Сите очи во Подгорица ќе бидат насочени кон Данска, која може да се смета за еден од фаворитите за титулата во 2025 година, откако беше единствениот тим што се искачи на подиумот на кадетското и младинското ЕП двете години претходно – два пати освојувајќи сребро. Данска почнува во група Б заедно со Црна Гора, Исланд и Литванија, а билетот за главната рунда може да донесе жесток дуел со Унгарија.

Група Ц ја сочинуваат Србија, Шведска, Швајцарија и Финска. Ниту една од овие четири селекции не остави силен впечаток пред две години. Финска не учествуваше, додека останатите три селекции добро се познаваат, бидејќи тогаш беа во иста група во прелиминарната рунда. Со Хрватска на врвот од табелата, Србија беше втората селекција која обезбеди место во следната рунда, но потоа не успеа да се пласира понатаму.

Репрезентацијата на Романија имаше одличен настап на претходното издание кога домаќин беше во Питешти и Миовени, освои бронза пред своите навивачи. Меѓутоа, сегашната генерација играчи се мачеше на кадетското ЕП, завршувајќи надвор од првите 10, на 11 место, додека Германија – нивниот противник во група Д го освои бронзениот медал.

Французинките доаѓаат во Црна Гора со една цел – да останат на врвот и да ја освои титулата, како што направија пред две години на кадетското ЕП. Во групата Е со Норвешка, Португалија и Словенија, изгледа дека Франција има директен билет за главната рунда, но понатаму ги очекуваат тешки натпревари.

Хрватска заврши на последното место на младинското ЕП 2023 и се надева на подобар настап овојпат – задача која не е невозможна, бидејќи сегашната генерација за малку не освои медал на кадетското ЕП, завршувајќи на четвртото место по поразот од Германија во полуфиналето. Нивните противници во прелиминарната рунда, Холандија, исто така се надеваат на подобри резултати, додека Австрија и Турција, кои не учествуваа пред две години, влегуваат во натпреварувањето без притисок.

Прелиминарната рунда завршува на 12 јули, кога 12 репрезентации ќе се пласираат во главната рунда. Само осум селекции ќе стигнат до четвртфиналето на 17 јули, а полуфиналето е закажано за следниот ден, 18 јули. Новите шампионки ќе го кренат трофејот на 20 јули.

ЕП 2025, младинки:

Група А: Унгарија, Чешка, Северна Македонија, Полска
Група Б: Данска, Црна Гора, Исланд, Литванија
Група Ц: Србија, Шведска, Швајцарија, Финска
Група Д: Германија, Романија, Шпанија, Фарски Острови
Група Е: Франција, Норвешка, Португалија, Словенија
Група Ф: Хрватска, Холандија, Австрија, Турција

Распоред на натпревари, 1 коло:

12:00 Данска – Исланд
12:00 Холандија – Турција
12:00 Романија – Фарски Острови
14:30 Чешка – Полска
14:30 Норвешка – Словенија
14:30 Шведска – Финска
17:00 Германија – Шпанија
17:00 Хрватска – Австрија
17:00 Црна Гора – Литванија
19:30 Франција – Португалија
19:30 Унгарија – Македонија
19:30 Србија – Швајцарија