Ракометарите на Тиквеш денеска го играат решавачкиот натпревар за второто место во групата А од Супер лигата.
Со победа или реми, избраниците на Никола Матлиески, ќе завршат на второто место и ќе пренесат два бода во разигрувањето за титулата.
„За нас нема лесен натпревар што се потврди оваа година. Најважно е да споменеме дека овој натпревар со тимот од Автокоманда е од хуманитарен караткер, има нешто поважно од спортот и од победите. Се надевам дека оние на кои им е потребна помошта ќе стигне побрзо до нив. Играме со македонскиот вицепрвак, добра млада екипа, која од натпревар во натпревар ја подига формата. Ние имаме некои кадровски проблеми, не знаеме во кој состав ќе бидеме, но кога се игра во Кавадарци, обврска на секој играч што го носи дресот на Тиквеш, е да изгине на терен, да даде 200% пред нашите „Лозари“. Кога се игра во Кавадарци никој не е фаворит против Тиквеш. Се надевам дека ќе извлечеме позитивен резултат“, вели Симиќ.
Тој знае од каде доаѓа најголемата опасност кон голот на Тиквеш.
„Најголема опасност кон нашиот гол се двата средни бека – Игор Ѓорѓиев и Марко Митев. Ѓорѓиев според мене е најкомплетниот играч на нашиот ривал, а Митев игра во се подобра форма. Ако ги запреме во почетокот на нападот нивните „мотори“, имаме добри шанси за позитивен резултат“, продолжи Симиќ.
Најдобриот среден бек од минатата сезона во Супер лигата во Ол Стар изборот на 24Ракомет влече повреда, но смета дека тоа и не е толку важно.
„Јас не сум скроз фит, но најважно е салата да биде полна, и што повеќе народ дојде да ни даде поддршка. Мора сите да го извлечиме последниот атом од силите и да ја завршиме годината како што треба. Сметам дека оваа година е историска за Тиквеш, во која направивме големи работи. Битката не е лесна, ние сме на вистинскиот пат, и сигурен сум дека на крајот ќе завршиме таму каде што посакуваме“, заврши Симиќ.
Натпреварот меѓу Тиквеш и тимот од Автокоманда, кој ќе има хуманитарен карактер, се игра во салата „Јасмин“ со почеток во 19:00 часот.