Тимот на Тиквеш утре го очекува европското деби, а ривал на кавадарчани ќе биде австрискиот Кремс.
Капитенот на Тиквеш, Страхиња Симиќ, вели дека во градот атмосферата пред дуелот со австрискиот претставник веќе е загреана.
„Оваа недела се чувстува убавата атмосфера во градот пред европскиот предизвик, на едно врвно ниво. Ние имавме многу натпревари оваа недела поради недоразбирања на поединци, но тоа не е важно, не можевме потполно да бидеме фокусирани на европскиот натпревар. Ние нашите квалитети ги докажавме во Супер лигата, одиме во нагорна линија. Низ Македонија се знае, во недела ќе дознае и Европа дека кога некоја екипа доаѓа во Кавадарци, ќе ја чека тешка задача. Нема да мине лесно, сигурен сум дека во недела ќе испишеме историја на овој клуб и град, кој после долги години има шанса да гледа европски ракомет. Кремс е сериозен клуб, кој доаѓа од една сериозна ракометна лига, но ние сме подготвени за нив. Знаеме што треба да правиме во недела, единствено што можам да ветам е спектакл. Ако досега дававме 150%, во недела ќе дадеме 200% од нашите можности“, вели Симиќ.
Кавадарчани ќе имаат голема поддршка од трибините.
„На мечот со Скопје, иако беше работен ден, салата беше полна, можеби како со Охрид минатата сабота, а тоа е доказ дека нашата публика доаѓа поради нас, поради клубот. Многу пати имам кажано, ќе повторам пак, „Лозари“ ни даваат ветар во грб. Иако Скопје на пример беше полесен ривал од Охрид, тие навиваа цел меч како да е натпревар за титула. Тие се нашата сила, тоа е мотив плус за нас кога ќе излеземе на терен, едноставно мора да дадеме максимум, затоа што нашите навивачи и симпатизери тоа го заслужуваат“, продолжи Симиќ.
Капитенот посакува да се испишат нови страници во историјата на клубот.
„Јас искрено се надевам на позитивен резултат, како во недела, така и другата недела кога ќе се вратиме од Австрија. Имаме наша стратегија, наш план, како сето тоа ќе изгледа. Се надевам дека ќе можеме тоа да го спроведеме во недела. Како и да е, тоа е денот за историја, сметам дека оваа екипа ќе испише нови страници во историјата на клубот. Знаеме каде се нашите шанси, и сметам дека се ќе зависи од нас, особено во Кавадарци“, заврши Симиќ.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Кремс се игра утревечер во салата „Јасмин“ со почеток во 19:00 часот.