Селекторот на машката селекција на Хрватска, Дагур Сигурдсон, го објави скратениот список на ракометари пред Олимписките игри во Париз.
Тој избра 14 ракометари и три резерви, oдносно 17 ракометари што ќе патуваат за Франција, а од комбинација отпаднаа новиот пелистерец Филип Ивиќ, левиот бек Марко Мамиќ, средниот бек Ивано Павловиќ и десниот бек Матео Мараш.
Меѓу 17 ракометари има три резерви, а тоа се голманот Сандро Мештриќ, левото крило Марин Јелиниќ и десното крило Филип Главаш, кои ќе влезат во комбинација ако некој се повреди.
Тоа значи дека Сигурдсон многу ризикува и оди во Париз само со две крила – левото Ловро Михиќ и десното Марио Шоштариќ, кои ќе треба да го изнесат товарот на најмалку пет, а најмногу осум средби на ОИ.
Голманската двојка е Мандиќ и Кузмановиќ, а пикерското трио Шипиќ, Граховац и Начиновиќ. Бековската седморка ја сочинуваат Шарац, Срна и Лучин на лев, на среден ќе покриваат Циндриќ и Дувњак, а десно се Мартиновиќ и Кларица.
Хрватска играше против Египет и славеше со 36-29, а ќе одигра уште една пријателска средба против Франција ан 17 јули. На ОИ ќе игра против Јапонија, Германија, Шведска, Шпанија и Словенија.