Швеѓаните веруваат во селекторот – Акснер останува најмалку до 2028 година

Шведската ракометна федерација потврди дека селекторот Томас Акснер ќе ја предводи женската репрезентација најмалку до крајот на 2028 година. Новиот договор значи дека искусниот стратег ќе биде дел од уште најмалку пет големи натпреварувања, вклучувајќи ги Олимписките игри во Лос Анџелес и Европското првенство кое ќе се одржи на домашен терен во 2028 година.

Акснер, кој ја презеде репрезентацијата во 2020 година, досега ја предводеше на седум големи турнири и оствари шест последователни пласмани во топ 5, вклучувајќи две четврти места на Олимписки игри и полуфинале на Светско првенство.

„Оваа репрезентација ми е многу блиска и горд сум што можам да бидам дел од неа. Сонувавме за медал, и таа желба е главната причина зошто сакам да продолжам. Ракометарките ја имаат истата амбиција и верувам дека можеме да стигнеме до целта,“ изјави Акснер.

Во бројките, под негово водство Шведска има одиграно 99 натпревари со биланс од 66 победи, 6 реми средби и 27 порази.

Првата наредна обврска за Шведска е квалификацискиот натпревар за ЕП 2026 против Украина кој ќе се одигра во Алингсас на 16 октомври.