Шведска останува без своите икони!

Голема ера завршува во Шведска – по настапот на СП, двете најголеми ѕвезди на националниот тим, Јамина Робертс и Натали Хагман, официјално се повлекоа од репрезентацијата.

Со оваа одлука, Шведска губи повеќе од 15 години искуство, лидерство и квалитет, а селекторот Томас Аксер останува пред сериозен предизвик, да изгради нов тим без своите најголеми адути.

Робертс, која беше столб на бековската линија од 2010 година, се повлекува како една од најискусните ракометарки во историјата на земјата, со настапи на дури 19 големи натпреварувања.

Од друга страна, Хагман зад себе остава импресивна кариера како најдобар стрелец во историјата на шведската репрезентација. Со својата прецизност и константност, таа беше еден од најдоминантните крила во светскиот ракомет.

„Кога почнавме, не знаевме колку ќе ни значи овој дрес. Бевме дел од нешто многу поголемо од нас“, порачаа двете ракометарки, нагласувајќи дека одлуката била тешка, но донесена во вистински момент.

Со нивното заминување, Шведска ја затвора последната страница од генерацијата која освои сребро на Европското првенство во 2010 и бронза во 2014 година.

Новото поглавје започнува, но без двете имиња кои со години беа синоним за успех, a кои шведската публика ќе има можност да ги поздрави за последен пат на мечот од квалификациите за ЕП против Литванија.