Шведска на чекор до полуфинале – Словенија пружи отпор, но на крај го „положи оружјето“

Селекцијата на Шведска ја запиша четвртата победа на домашното Европско првенство и само милиметри ја делат од полуфиналето откако славеше над жилавата Словенија со 35-31.

Сега во групата 2 од главната рунда на ЕП, Швеѓаните имаат четири бода на врвот, Хрватска, Исланд и Словенија по два бода, а Швајцарија и Унгарија по еден, а притоа домаќините имаат подобар меѓусебен дуел од двете балкански селекции, па еден бод од пресметката со Исланд ќе им го потврди местото во полуфиналето.

Избраниците на Урош Зорман предводени од одличните браќа Макуц беа тие што диктираа темпо и имаа контрола над резултатот, а имаа голема помош од голманот Базник, кој фати неколку зицери.

Беше плус три за Словенија во три наврати во првиот дел, но Ване се погрижи за негатива од два гола во финишот, 15-13. Клучен за Шведска беше стартот на второто полувреме кога нивната одбрана ги задржа Словенците шест минути без постигнат погодок, а за тоа време домашните дадоа дури четири и ја преземаа контролата, 17-15.

Се чини дека Словенија не можеше да се опорави од шокот, Шведска во еден момент отиде и на плус четири. Во финишот намали Макуц на минус еден, но немаа ниту сили, а немаше ниту време за Словенија да направи камбек, па на крајот „трите круни“ прославија триумф со 35-31.

Базник и Вујовиќ на словенечкиот гол имаа 11 одбрани, додека Паличка и Апелгрен комбинираа седум за Шведска. Кај стрелците, Макуц беше одличен со осум гола за Словенија, а кај домаќинот се истакна Сандел со седум.