Репрезентацијата на Шведска со победата над Црна Гора од 25:24 го обезбеди третото место во првата група и ќе се бори за петтото место на Европското првенство 2024.
На Црногорките им требаше барем реми за да се задржат на третото место, но скандинавската селекција одигра одлично во двете полувремина и заслужено заврши меѓу најдобрите шест европски репрезентации.
По израмнетиот дел, односно нерешените 5:5, избраничките на Акснер направија серија од 3:0, стигнаа до 8:5 кон средината на првото полувреме и до паузата беа во предност. До овој момент половина од головите на Шведска беа дело на искусните Хагман и Робертс.
Црна Гора успеа некако да се консолидира, се разигра Грбиќ, која со три гола по ред намали на 11:10 во 25 минута, а минута подоцна Мугоша реализираше за 11:11. До крајот на полувремето се играше гол за гол, па така на пауза беше нерешено, 14:14.
Иако Црна Гора на стартот на вториот дел поведе со 15:14, репрезентацијата на Шведска бргу ја врати предноста, дојде до 18:15 во 38 минута. Следуваше период на многу грешки, а по предноста на Шведска од 23:20, Црногорките на осум минути пред крајот повторно направија камбек, израмнувајќи на 23:23.
Последните седум минути минаа во голема неизвесност, а Шведска подобро се снајде во финишот, во кој одлучуваше само еден шут. Милена Раичевиќ во последната минута можеше од пенал да донесе изедначување и голем бод за Црна Гора, но не успеа да реализира, а составот на Акснер искусно ги потроши последните дваесетина секунди.