Селекцијата на Црна Гора се враќа дома по групната фаза на Европското првенство и тоа со три порази. По загубените дуели со Словенија и Фарски Острови, четата на Дидие Динар загуби и од Швајцарија со 43-26.
Победникот беше решен уште по првото полувреме кога беше 22-16 во корист на момците на Енди Шмид. Големиот број грешки и изнудени шутеви беа казнувани од Швајцарците со лесни голови во контранапади, а голманите Мијушковиќ и Суљевиќ беа како на стрелиште.
Во вториот дел Црна Гора не даде гол десет минути, за тоа време Швајцарија постигна дури седум за 29-16 и стана јасно дека ќе има нов дебакл по оној од „овчарите“. Сега Швајцарците ќе чекаат триумф на Словенија над Фарски Острови за да минат во главната рунда бидејќи имаат подобра гол-разлика (14) од Фараните (13), кои дополнително ќе ја влошат ако загубат од Словенците.
Италија оствари победа на Европските првенства по 28 години, откако славеше против Полска со 29-28. Херој на Италијанците беше Симоне Мењон кој во последните секунди го даде победничкиот погодок.


























