Репрезентацијата на Швајцарија е последниот патник од групата A во главната фаза на Светското првенство, откако триумфираше против Полска со 31:29.
На избраниците на Енди Шмид им одговараше и реми, но не дозволија да има поделба на бодовите и во главната фаза ќе пренесат еден бод, оној кој што беше освоен на натпреварот со Чешка.
Иако во првото полувреме главно имаше бркотница на теренот и беа постигнато вкупно 33 погодоци, во вториот дел двете репрезентации заиграа подобро во одбраната, а на моменти Полска успеваше да направи камбек и да дојде до израмнување.
Сепак, Швајцарија во последните десет минути одигра на ниво и константно водеше со два до четири гола разлика. Еден од најзаслужните за победата над Полска беше левото крило од Нант, Ноан Леополд, кој имаше 100% реализација, пет од пет.
Сега Швајцарија ќе има голем предизвик во главната фаза, додека Полска се преселува во Президент Купот.