Тимот на Тиквеш, кој заедно со Вардар е на максимум со шест победи во шест меча, гостува кај вицепрвакот во Автокоманда на дерби натпревар.
Младинскиот репрезентативец Славчо Шулески вели дека тимот е подготвен за дерби натпреварот од седмото коло во суперлигашкото друштво против македонскиот вицепрвак.
„Се подготвуваме од натпревар во натпревар. Денеска играме со Алкалоид, имавме видео анализа за противникот и мислам дека сме подготвени за дербито во Автокоманда. Не знам како ќе излезе на крај, но знам дека не чека тежок натпревар, ние сме подготвени за да го дадеме максимумот и одиме на победа“, вели Шулески.
Стружанецот вели дека атмосферата во екипата е на високо ниво и дека амбициите се високи
„Атмосферата во екипата е одлична по шесте победи во Супер лигата и нашата форма е во нагорна линија. Јас сум веќе втора сезона во Кавадарци и очекувањата во оваа сезона се уште повисоки. Работиме на тоа и сите се бориме за тоа“, заврши Шулески.
Натпреварот во Автокоманда се игра вечерва со почеток во 19:00 во спортската сала во Автокоманда.