Ракометарите на Тиквеш утре ќе го пречекаат составот на Охрид во една од двете дерби средби од 7 рунда во суперлигашкиот плеј-оф.
Младинскиот репрезентативец Славчо Шулески вели дека овој натпревар е важен и за двете екипи, но очекува трите бода да останат во Кавадарци.
„Сите сме свесни колку е важен овој натпревар за нас, но и за Охрид, ја знаеме важноста на натпреварот. Се подготвуваме како и за секој натпревар во плеј-офот. Како што може да се види од нашите резултати, одиме напред од натпревар во натпревар. Очекуваме цврст, борбен натпревар, 60 минути борба. Како и досега, сите натпревари со Охрид завршиле со тесен резултат, победникот се одлучувал на крајот, но се надевам сега дека трите бода ќе останат во Кавадарци“, вели Шулески.
Средниот бек пред да дојде во Тиквеш беше дел и од Охрид, па ќе игра против екс клубот.
„За мене овој натпревар е како и сите други, нема некое поголемо значење иако претходно играв за Охрид“, продолжи Шулески.
Стружанецот соработува со актуелниот тренер во Тиквеш и во националниот тим.
„Со тренерот Раде Стојановиќ работам веќе пет години, во репрезентацијата и во Тиквеш. Го знам неговиот начин на работа и системот, само се движам по тоа што сме договорени и се надевам дека кај сите фокусот ќе ни биде тоа што го тренираме, ќе го покажеме и на натпреварот во сабота“, продолжи Шулески.
Плејмејкерот не покажува многу емоции на теренот кога постигнува голови и вели дека е фокусиран само на мечот, а против Охрид очекува помош од навивачите во походот кон победа.
„Ние како клуб одиме од натпревар во натпревар. Фокусирани сме на секој нареден и во секој влегуваме со 100% од нашите можности. На секој натпревар се трудиме да го дадеме нашиот максимум. Јас сум среден бек и сум одговорен за целиот напад. Радоста по секој гол е присутна, но секој играч различно ја прикажува истата. Нашите верни навивачи „Лозари“ се нашиот осми играч, различно е да се игра дома и на гости. Имаме секогаш поддршка и другата кавадаречка публика, задоволство е да се игра пред сите нив“, вели Шулески.
Тој во иднина посакува да заигра и на меѓународна сцена.
„Јас се надевам дека секоја година ќе сум се подобар и еден ден ќе излезам надвор и да играм во европски рамки“, заврши Шулески.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Охрид се игра утре во салата „Јасмин“ со почеток во 18:00 часот.