Последното коло од регуларниот дел на сезоната треба да реши кој ќе биде шестиот патник во плеј-офот, а за тоа место конкурираат три екипи: Бутел Скопје, Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп.
Секој има свои шанси, некои зависи од самиот себе, а некој тим ќе мора да игра, но и да смета на услуга од другите. Тиквеш беше последниот клуб што обезбеди место во плеј-офот, и останува уште едно место.
Во последното коло Бутел Скопје влегува од шестото место на табелата со 20 бодови, пред Еурофарм Пелистер 2 кој има 19 бода, а Прилеп заостанува зад двата тима и има 18 бода.
Двојки за 22 коло:
Бутел – Тиквеш
Еурофарм Пелистер 2 – Струга
Прилеп – Радовиш
Табела:
6. Бутел – 20 бода
7. Еурофарм Пелистер 2 – 19 бода
8. Прилеп – 18 бода
Скопјани во последното коло се домаќини на Тиквеш. Кавадарчани веќе се пласираа во плеј-офот, и на овој меч нема да имаат никаков резултатски притисок. За Бутел да биде сигурен, потребно е да победи. Во тој случај ќе има 22 бода, исто колку и Тиквеш.
Доколку мечот заврши нерешено, тогаш Бутел ќе има 21 бод, и можно е да има ист број бодови како и Еурофарм Пелистер 2. Ако имаат ист број бодови, во предност е Бутел бидејќи во меѓусебните дуели со битолчани имаат победа и реми.
Во случај сите три екипи да имаат ист број бодови – во предност ќе биде Бутел кој има најдобра бодовна разлика, и гол разлика. Тогаш ќе се прави мини табела од меѓусебните натпревари на трите екипи.
Бутел би имал 5 бода, исто колку и Еурофарм Пелистер 2, а Прилеп би имал само 2 бода. Бутел има гол разлика 115-113, а Еурофарм Пелистер 2 има гол разлика 116-117, односно поради два гола скопјани се подобри.
























