За разлика од претходно сега Ракометната федерација на Македонија ги враќа „конференциите на клубови“ кои ќе се одржуваат веднаш по завршувањето на сезоната, и каде ќе се усвојуваат Пропозициите за новата сезона, ќе се изврши ждребање на натпреварувачките броеви (календар) и ќе се договори почетокот на новата сезона. Клубовите веќе ги имат добиено предлог пропозициите и треба да се изјаснат и да дадат свои забелешки и предлози.
Интересно е што сега Пропозициите се проширени, дополнети и опфаќаат многу работи кои во минатото, а особено последната сезона го немаше или пак беше отстрането. Претходните години најчесто конференцјата на клубовите беше пред самиот почеток на сезоната која и се одржуваше Собранието на РФМ, па за петнаесетина минути се усвојуваа пропозициите, во брзање да не се задоцни за Собранието.
За новата сезона РФМ планира повеќе новини, особено за машката Супер лига, кои би требало да го подигнат квалитетот и професионалноста на натпреварувањето.
И во иднина се планира лигата да има 12 екипи. Ќе се играат 22 кола, по што ќе се формира две групи кои ќе разигруваат за титулата (плеј-оф) и за опстанок (плеј-аут).
Една од новините е дека во плеј-офот и плеј-аутот екипите ги пренесуваат сите освоени бодови од регуларниот дел на натпреварувањето по одиграните 22 кола. Значи ако екипата освоила одреден број на бодови, истиот го пренесува и продолжува во една од групите, без притоа да се пренесуваат како досега 3, 2 или 1 бод. Така ќе се намали калкулантскиот однос на клубовите.
Меѓу другите позначајни предлози за следната сезона се:
👉 Сите екипи од Супер машка лига за да остварат право на учество во Супер лига задолжително мора да пријават пионерска екипа.
👉 Екипите учесници во Супер лигата пред почеток на есенскиот и пред пролетниот дел од сезоната, се должни да уплатат по 60.000 денари на име Котизација.
👉 Во случај на откажување на пионерската лига или исклучување на истата по своја вина, екипата се дисквалификува заедно со сениорската екипа. Доколку пионерската екипа од неоправдани причини не одигра два натпревари, се исклучува заедно со сениорската екипа од систем на натпреварување.
👉 На секој меч ќе се води и статистика, и екипите се должни на обезбедат лица кои ќе ја водат таа статистика, а ќе бидат oбучени од страна на РФМ.
👉 Сите натпревари од националниот систем (пионерски, кадетски, младински и сениорски) ЗАДОЛЖИТЕЛНО се пренесуваат на LIVE STREAM. Во случај домаќинот стручно и квалитетно не го сними натпреварот, (на натпреварот имало спорни ситуации-прекини кои не се снимени), домаќинот ќе биде казнет со парична казна од 100.000 денари.
👉 Таксите на судиите и делегатот-контролор, се исплаќаат пред почетокот на натпреварот на трансакциска сметка. Данокот го плаќа клубот. Таксата на судии и делегат/контролор ја исплаќаат клубовите-домаќини во целост согласно висината на таксата утврдена за Супер машка лига пропишана во самото делегирање.
👉 Екипите пред натпреварот во записникот може да внесат најмногу 16 ракометари, а минимум 14 ракометари. Во случај да една од екипите не пријави минимум 14 ракометари пред натпреварот, натпреварот нема да се одигра и ќе биде регистриран со резултат 10:0 за противничката екипа и -1 бод за екипата која немала минимум 14 ракометари пред натпреварот.
👉 Екипа која учествува во ЕХФ натпреварување, натпреварите од домашното првенство се совпаѓаат со датумот на ЕХФ календарот, има обврска натпреварите од домашното првенство да ги одигра во временски период од 7 дена пред совпаѓање на календарот на ЕХФ. Одложените натпревари се играат по редослед како што се предвидени во распоредот.