Лазаров: Ова не е клуб, туку репрезентација и е најдоброто од Македонија!

Македонија загуби вторпат на Европското првенство, овојпат од домаќинот Германија со 34-25.

Селекторот Кире Лазаров признава дека Франција и Германија се за класа подобри од Македонија, и го посочи клучниот момент – загубените топки и техничките грешки за поразот.

„Се сложувам дека ни се повторуваат истите работи како од мечот со Франција. Имавме многу лесно продадени топки во напад. Ако ништо друго сега барем имаше пожртвуваност и борбеност во одредени моменти. Се боревме, но мислам дека имаме проблем при игра ‘шест на шест’ со вакви типови на одбрани, многу лесно ги губиме топките и одиме кон пасивна игра, каде што не контрираат. Со толку топки дадени во нивна рака и со таква игра не можете да ѝ парирате на една Германија, а не е ни реално да и парираме. Иако на моменти изгледавме добро, сепак потрошивме сила и против Германија и против Франција, а на крајот резултатот е таков каков што е. Можеби можевме до подобар резултат на двата натпревари, но во овој момент двата противници се за класа подобри од нас“, вели Лазаров.

За Македонија останува уште натпреварот со Швајцарија, на кој со победа ќе завршиме на третото место.

„Ако имаме шанса против некого да бидеме компетитивни и да се бориме за победа, тогаш тоа треба да биде Швајцарија. Сега и после натпреварот одржав говор, што било било. Треба да ги средиме главите, да одмориме и утре да го подготвиме мечот и потоа да го дадеме нашето најдобро. Само така ќе се бориме за позитивен резултат со Швајцарија. Тие ја изненадија Франција и извлекоа реми откако потфрлија против Германија и загубија со 13 голови. Јас верувам во изненадувања и победи без разлика со кого играме, но мора да ги средиме главите веруваме во тоа што го работиме. Ние сме репрезентативци, не е ова клуб, ова е нашето најдобро од Македонија. Мислам дека имаме квалитет и сила, ќе се обидеме да се прикажеме во позитивно светло и се надевам дека ќе се бориме за позитивен резултат“, изјави Лазаров.

Натпреварот меѓу Македонија и Швајцарија се игра на 16 јануари од 18:00 часот во „Мерцедес Бенц Арена“.