Во драматичната завршница од натпреварот меѓу Португалија и Норвешка на Европското првенство во ракомет се случи необичен и ретко виден момент кој веднаш привлече големо внимание.
При резултат 35:35, на само 37 секунди до крајот на натпреварот, камерите уловија како португалскиот ракометар Мигел Невеш за време на тајм-аут држи Ајпад на увото, обидувајќи се да слушне што договара норвешката клупа. Потегот предизвика бројни реакции, а по мечот самиот Невеш отворено призна што правел.
Неговата „предност“ била познавањето на норвешкиот јазик.
„Играв три години во Норвешка и мојата девојка е Норвежанка, па зборувам и разбирам норвешки. Се обидов да стекнам мала предност и да дознаам што планираат, за подобро да ја подготвиме нашата одбрана“, изјави Невеш пред новинарите.
Португалскиот ракометар настапуваше во Норвешка во периодот од 2023 до 2025 година, што дополнително му помогнало во разбирањето на јазикот и терминологијата.
Иако потегот не е експлицитно забранет со правилата, ситуацијата отвори дилеми и дискусии во ракометната јавност – дали станува збор за досетлива итрина или чекор што ја преминува границата на спортскиот фер-плеј.


























