Шпанија со фуриозно второ полувреме ја совлада Македонија

Женската репрезентација на Македонија го запиша вториот пораз во квалификациите за ЕП 2024 година, втор од Шпанија со 24-20. Македонските репрезентативки пружија силен отпор во првиот дел, на стартот на вториот дел имаа и реми, но сепак една „црна дупка“ беше доволна за домашните да „земат сила“, да заиграат подобра одбрана и да го скршат македонскиот отпор. Македонија има четири бода на второто место, кое ќе треба да го потврди на дуелите со Азербејџан на гости и со Литванија дома на 3 и на 7 април, па да го прослави пласманот на ЕП 2024.

Нашите ракометарки отворија со водство од 3-1, но Шпанките набрзина возвратија и со серија од три гола по ред ја преземаа контролата, 4-3. Беше и 6-4, па селекторот Грчевски повика тајм-аут.

Младеновска и Гичевска погодија во продолжение за 7-6, а македонската одбрана со ситни прекршоци го прекинуваше шпанскиот напад, кој направи три грешки и Ристовска казни со два гола за водство на Македонија, 8-7.

Имавме шанса и за плус два, но не беше реализирана, Зогби фати еден македонски удар, а на спротивната страна Шпанките два пати по ред стрелаа и одново водеа со 9-8. Потоа Ристовска промаши пенал, па домашните зголемија на плус два.

По неколку промашени напади на двете страни и тајм-аут за Мартин, Маџовска намали на минус еден, 10-9, а потоа Петковска со одбрана овозможи напад за реми. Тој сепак не беше искористен и на пауза се замина со минус еден.

Кипријановска израмни на стартот на второто полувреме на 10-10, а потоа Шпанија остана со играч помалку. Но наместо нашите ракометарки, погодуваа домашните за 12-10, а потоа и Кастељанос и одбрани пенал на Ристовска.

Шпанките се одлепија за првпат на плус четири, 15-11, па Грчевски мораше да бара минута одмор. Беше и 16-11, пред Арсениевска да ја прекине црната серија на Македонија и да погоди во мрежата на Зогби.

Шанса за настап добија Ангела Јанкуловска, Коларовска…По 23-16, Македонија намали на 23-19, но немаше многу време до крајот и Шпанките само рутински ја доработија задачата за четврти триумф во четири меча, па го прославија пласманот на ЕП 2024.

Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Маџовска со четири и Кипријановска со три погодоци, додека кај Шпанија, во чиј состав ги немаше Барбоса и Чапчет, се истакна Пинто со четири гола.