Ракометниот сојуз на Србија го назначи Хосе Игнасио Праденс Понс за нов селектор на женската сениорска репрезентација.
Шпанскиот стратег потпиша договор на три години и ќе го води тимот во актуелниот олимписки циклус, oдносно до 2028 година.
„Управниот одбор на РСС го постави селекторот на женската сениорска репрезентација за актуелниот олимписки циклус, како рамка за подолгорочно планирање, имајќи предвид дека е потребно рационално да се согледаат сите аспекти на идните репрезентативни активности“, стои во соопштението.
Праденс Понс зад себе има богато искуство – беше селектор на Шпанија и успешен клупски тренер во неколку екипи.
Шпанецот ќе дебитира на клупата на Србија во октомври, кога сениорките ќе ги одиграат квалификациските натпревари за ЕП 2026 против Литванија и Украина.
Потоа треба да го води националниот тим на Светското првенство во Германија и Холандија, а на српската клупа дојде на местото на Норвежанецот Бент Дал, кој ја однесе Србија на Мундијалот преку бараж двомечот со Словенија.
Сега и машката и женската селекција имаат шпански селектор, откако во јуни кормилото на момците го презема Раул Гонзалес.