Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер денеска го има новиот предизвик во Лигата на шампионите. Пелистерци во натпревар од 7. коло од елитата ќе гостуваат во Унгарија кај ПИК Сегед.
Еурофарм Пелистер е последен на табелата во групата А, нема освоено бод, додека унгарскиот тим на шест одиграни натпревари оствари две победи и едно реми.
Еден од поискусните во редовите на ПИК Сегед, десното крило Марио Шоштариќ, имаше пофални зборови за битолчани, но истакна дека неговиот тим е фаворит на утрешниот дуел.
„Може да очекуваме тежок натпревар против тимот на Еурофарм Пелистер. Имаат добар тим, кој е составен од многу квалитетни играчи и тие играчи заслужуваат голем респект. Ние ќе мора да одиграме на максимално ниво, да бидеме фокусирани за да дојдеме до нашата цел, односно да победиме. Ние сме фаворити, но фаворитската улога ќе треба да ја оправдаме на теренот“, изјави Шоштариќ.
Натпреварот меѓу ПИК Сегед и Еурофарм Пелистер ќе се одигра со почеток од 18:45 часот.