Шок за Сигурдсон – му откажаа четворица ракометари!

Хрватската ракометна репрезентација се соочува со проблеми пред претстојните пријателски натпревари против Швајцарија. Селекторот Дагур Сигурдсон уште пред почетокот на подготовките доби непосакувани вести, откако четворица ракометари отпаднаа од списокот.

Поради повреди настапите ги откажаа Тино Лучин, Матео Мараш и Марин Шипиќ, додека Марко Мамиќ нема да биде дел од тимот поради лични причини.

По овие откажувања, на списокот на хрватскиот селектор остануваат 19 ракометари, а според „Спортске Новости“, засега не се планираат дополнителни повици.

Собирот на хрватската селекција е закажан за во понеделник во Загреб, по што репрезентацијата ќе се упати кон Задар. Првиот пријателски натпревар против Швајцарија ќе се одигра во четврток во Задар, додека вториот тест е закажан за сабота во Осиек.

Хрватска не игра бараж за Мундијалот, па до стартот на квалификациите за ЕП 2028 година во октомври, ќе игра само пријателски средби.