Шок за Данска – клучен играч заврши во болница!

Данска обезбеди пласман во финалето на Европското првенство со победата над Исланд од 31:28, но славјето во Хернинг мина со грижата за Симон Халд. Еден од клучните играчи во данската одбрана мораше итно да биде пренесен во болница и воопшто не настапи во второто полувреме.

Данците вториот дел го одиграа без Халд, кој во првото полувреме доби удар во главата, по што се почувствувал лошо. Поради тоа, веднаш бил префрлен во болница на дополнителни прегледи, а тоа по натпреварот го потврди и селекторот на Данска.

„Симон се чувствуваше лошо, па беше пренесен во болница на прегледи. Во овој момент не можам да кажам повеќе од тоа. Ова тешко ни падна на сите. Најважно е тој да се опорави, а за сè друго ќе видиме“, изјави данскиот селектор за ТВ 2.

Отсуството на Халд значеше дека Данска во второто полувреме практично остана со само еден пивот, што дополнително ја нагласува тежината на победата над исклучително незгодниот Исланд.

Инцидентот се случи во 22. минута, кога Халд во одбраната се обиде да го блокира шутот на Видарсон. Во таа акција, исландскиот ракометар го удри со рака во главата. Иако Халд остана на теренот до крајот на првото полувреме, во продолжението повеќе не се појави во игра.

Непосредно пред стартот на вториот дел станало јасно дека нешто не е во ред. Додека соиграчите се загревале, физиотерапевтот повеќепати трчал меѓу клупата и соблекувалната, а дури потоа играчите сфатиле дека нивниот столб во одбраната нема да може да продолжи со настапот.

И покрај шокот, Данска остана смирена, ги издржа налетите на Исланд и на крајот ја потврди победата, обезбедувајќи финале на Европското првенство. Но додека трибините славеа, мислите на данската репрезентација беа насочени кон болницата и здравствената состојба на играчот чие отсуство можеше да има последици.