Женскиот тим на Кошалин од Полска, за кој треба да настапува македонската репрезентативка Ивана Арсениевска, се соочува со сериозна финансиска криза, откако остана без главниот спонзор, што ја доведува во прашање неговата иднина во првенството.
Раководството на клубот објави дека на 31 јули, во последниот ден од важноста на спонзорскиот договор, било информирано за одлуката на компанијата да не го продолжи соработувањето.
Во официјалното писмо, како причина за повлекувањето е наведена тешката состојба на пазарот, поради која компанијата мора да ги намали трошоците што не се директно поврзани со нејзините основни активности.
Одлучено е веднаш да се започне потрага по нов главен спонзор, но останува неизвесно што ќе се случи со клубот доколку не се обезбеди финансиска поддршка.
Арсениевска минатата сезона беше дел од романската Унире Слобозиа, а во јуни се реши за преселбата во Полска. Дали проблемите во клубот ќе влијаат на нејзиниот договор со Кошалин, останува да видиме.