Шок за Алборг: Никлас Ландин оди на операција!

Алборг доби тежок удар пред почетокот на сезоната – голманската легенда и двоен светски ракометар на годината, Никлас Ландин, ќе паузира најмалку шест недели поради повреда на менискусот.

Како што соопшти клубот, 36-годишниот Ландин наскоро ќе оди на операција на коленото, поради болки што ги почувствувал во текот на неделата.

„Фрустрирачки е, особено кога добро ја започнуваш сезоната и со нетрпение ги очекуваш натпреварите. Но, оптимист сум дека ќе се вратам наскоро“, изјави Ландин.

Алборг веќе реагираше – од ривалот Рибе-Есбјерг е ангажиран исландскиот репрезентативен голман Агуст Ели Бјоргвинсон, кој ќе брани во пар со Фабијан Норстен. Бјоргвинсон има искуство од шведската и данската лига, и повеќе од 50 настапи за Исланд.

Алборг викендов ќе настапи на „Хаиде купот“ во Германија, а првиот официјален меч го игра на 24 август во Суперкупот против Скерн.