Мечот што можеше да ја однесе Србија на чекор напред во борбата за четвртфинале на Мундијалот во Германија и Холандија против Фарски Острови заврши реми, 31-31. И вака остануваат со шанси, но веројатно нема да зависат само од себе на последниот меч против Црна Гора.
Иако Србија имаше плус еден, 31-30 и напад во последните триесетина секунди Јована Јововиќ имаше отворена позиција за шут, но сакаше да троши време, па направи грешка и мораше да ја остави топката на теренот.
Судијките по прегледувањето на снимката сметаа дека таа и пречеше на голманката на Фарски Острови да го започне нападот, па доби црвен картон, а затоа што ова се случи во финишот на средбата беше досуден пенал за „овчарките“.
Митун реализираше во мрежата на Рисовиќ, па немаше време за Србија да тргне во нов напад. Јована Скробиќ и Катарина Крпеж дадоа по осум гола за Србија, додека Митун постигна десет за Фарски Отрови.
Сега на табелата во групата 2, Германија е прва со шест бода, Србија има пет, Црна Гора четири, додека Фарски Острови е на четвртото место со три бода.

























