Шок во Германија – шампионот оди под стечај!

Актуелниот и повеќекратен првак на Германија, Лудвигсбург, влезе во стечајна постапка и мораше да ги ослободи сите свои ракометарки, со што клубот кој беше синоним за доминација, е доведен на работ на исчезнување.

Финансиската криза која подолго време тлеела во позадина ескалираше, а по поднесувањето на официјален стечаен предлог до судот во Лудвигсбург, стана јасно дека тимот нема економска основа да продолжи со настапи во Бундес Лигата во досегашниот состав, но и во Лигата на шампионите.

Раководството на клубот донесе тешка, но очекувана одлука – сите играчи се ослободени од договорите и имаат право да си бараат нова средина. Во јавноста излезе информација дека долгот на клубот достигнал приближно два милиони евра, а обидите за спас и обезбедување на дополнителна финансиска поддршка биле неуспешни. И покрај сериозните преговори со спонзори и институции, не било возможно да се покрие големата финансиска дупка, ниту да се гарантира стабилност за следната сезона.

Шокот е уште поголем со оглед на тоа што Лудвигсбург изминативе години беше дефиницијата за успех во женскиот ракомет. Со шампионски титули, победи во Купот, трофеи во Супер Купот и настапи на највисоко европско ниво, клубот создаде репутација на еден од најмоќните женски состави во Европа.

Само неколку недели пред распуштањето, во Лудвигсбург беше направена нова тимска фотографија пред импозантен замок, како симбол за нова, уште посилна сезона. Но, судбината имаше поинаков план.

Особено болно е тоа што целиот проект се распаѓа токму во годината кога Германија е домаќин на Светското првенство во ракомет. Меѓу ракометарките кои останаа без клуб се најдоа и некои од најголемите ѕвезди на германската репрезентација, како ракометарката на годината Ксенија Смитс и перспективната Виола Лојхтер, а во овој клуб играа и Доротеја Фалувеги, Каба Гасама, Јоана Бундсен, Каролина Кудлач…

И покрај целосниот крах на елитниот состав, клубот сè уште не го спушта знамето. Се разгледува можноста за создавање нов, значително поевтин тим со ограничени ресурси, кој би настапувал под истото име. Разговори за таква реструктурирана варијанта веќе се водат, со цел барем да се сочува континуитетот и да се зачува местото на Лудвигсбург на ракометната мапа, иако со многу поскромни амбиции.

Судбината на Лудвигсбург е опомена и за другите клубови во Европа – дека успехот не е гаранција за одржливост и дека дури и најславните спортски институции можат преку ноќ да се соочат со суровата реалност на финансискиот колапс. Таков беше случајот со Вајперс Кристијансанд, црногорскиот Будуќност се спаси во последен момент и сега плови во мирни води, но ЕХФ ќе мора да најде замена за Лудвигсбург во ЛШ или да продолжи со еден тим помалку.