Шок во Букурешт: Си замина Томсен, ЧСМ остана без тренер!

Романскиот ракометен гигант ЧСМ Букурешт објави дека, по лична одлука, Хеле Томсен ја напушта клупата на екипата, непосредно пред почетокот на новата сезона.

Од клубот соопштија дека договорот е раскинат со заемна согласност, иако тоа претставува предизвик за управата, имајќи предвид дека подготовките започнуваат многу скоро.

„ЧСМ Букурешт интензивно работи на пронаоѓање ново решение за позицијата шеф на стручниот штаб, а јавноста ќе биде навремено информирана“, стои во соопштението на клубот.

Томсен стана селекторка на Данска и сака да се посвети само на националниот тим.

„Не ми беше лесно да ја донесам оваа одлука. Многу уживав додека работев со оваа фантастична екипа, со одличен стручен тим и неверојатни навивачи. Имавме успешна сезона и сум горда на сè што постигнавме. Но, личните околности и неочекуваната шанса да го водам националниот тим на мојата родна земја ме натераа да размислам длабоко. ЧСМ заслужува искреност, и затоа сметам дека оваа одлука е најдобра за двете страни. Ќе ги носам најтоплите спомени од времето тука и му посакувам на клубот многу успех“, вели Томсен.

ЧСМ Букурешт сега ќе мора да реагира експресно и да донесе нов стратег пред стартот на сезоната.