Шок пораз за Македонија во драматичен меч кај Белгија!

Женската репрезентација на Македонија загуби од Белгија со 26-25 во мечот од третото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство во Романија, Турција, Словачка, Чешка и Полска.

Сега ќе биде неопходна победа на домашен терен и тоа од најмалку два гола разлика за Македонија да биде сигурно трета, па да продолжат надежите за билет за континенталниот собир во декември.

Седум гола за нашата селекција постигна Кипријановска, по три пати погодија сестрите Јанкуловски и Гакидова, додека голманката Илиќ запиша осум интервенции. Македонската одбрана немаше решение за Смитс, која ни даде 11 гола.

Избраничките на Грчевски отворија одлично и со поддршката од многубројните Македонци во Хаселт успеа да поведе со три гола, 9-6. Имавме три прилика за повисока предност, но не беа искористени.

Домаќинките почнаа полесно да го наоѓаат патот кон македонскиот гол и да се закануваат, па до паузата успеаја да стопат дел од негативата и да намалат преку Смитс на 11-10.

Уште еднаш се повтори истата приказна – плус три за Македонките, па упорни беа домаќинките и на минус еден отидоа на пауза, 15-14. Во вториот дел се разбрани голманката Илиќ, па за првпат нашата селекција стигна до плус четири, 18-14.

Но почнаа македонските репрезентативки да грешат во нападот, казните стигнаа набрзина и Белгија се врати во живот со серија од четири гола, 18-18. Грчевски ги внесе во игра Младеновска и Седлоска, кои беа освежување во средината на вториот дел.

Со нивте три погодоци, Македонија стигна до 21-19, но опасната Смитс ги врати домашните надежи за позитивен резултат и израмни на 23-23, па на пет минути до крајот се мораше да почне од нула.

Белгија напаѓаше и за водство, Смитс погоди, а Гугуљанова набрзина израмни. Потоа Илиќ на две и пол минути до крајот одбрани еден белгиски напад. Следуваше грешка на нашата селекција и на 90 секунди до крајот имаше тајм-аут за домаќинките.

Со очигледен престап, Белгија погоди за водство, 26-25, па Грчевски побара тајм-аут, но нападот не беше реализиран и победата остана за домаќинките. Следениот натпревар меѓу Македонија и Белгија, на кој исто така ќе ни биде неопходна победа, се игра на 7 март од 17:00 часот.