Скопје и СЦ „Јане Сандански“ утре ќе бидат домаќини на еден од најголемите спектакли во последно време, на кој публиката ќе има можност да види многу легенди на македонскиот, европскиот и светскиот ракомет.
Организаторот Спортско Радио 90,3 фм, како дел од јубилејот и прославата на 20 години постоење и овозможи на ракометната јавност уникатна можност на едно место да види голем број имиња, меѓу кои ќе биде и екс вардарецот Данил Шишкарев.
Русинот, кој пет сезони мина во Вардар, дојде од Москва по пет години за првпат во Скопје, но не заборавил да зборува македонски јазик.
„Минаа доста години, можеби некои зборови се заборавени, но голема чест и задоволство е повторно да излезам на теренот во „Јане Сандански“. Кога влегов во салата се наежив, од спомените и убавите денови и со огромно задоволство се враќам во Скопје. Драго ми е да бидам во среќа заедно на терен, со кои минавме убави денови во Вардар“, вели Шишкарев.
Публиката во „Јане Сандански“ ќе има можност да ги види на дело најголемите македонски и регионални ракометни имиња: Борко Ристовски, Стојанче Стоилов, Филип Миркуловски, Пепи Манасков, Кирил Лазаров, Гоце Георгиевски, Бранко Ангеловски, Аце Станковски, Петар Ангелов-Диви, Раде Стојановиќ, Иван Марковски, Велко Маркоски, Влатко Недановски, Горан Ѓоргоноски, Лазе Мајнов, Александар Царчев, Горан Кузманоски…
Меѓу интернационалните легенди кои ќе настапат се Веселин Вујовиќ, Лино Червар, Арпад Штербик, Вуко Борозан, Ренато Вугринец, Игор Карачиќ, Жељко Муса, Горан Шпрем, Данил Шишкарев, Жоан Канељас и уште многу познати ракометни имиња.
Интересот за овој спортски спектакл е огромен, а билетите се продаваат онлајн преку www.ticketx.com.mk и на билетарницата пред салата.
Организаторот најавува повеќе категории на билети, меѓу кои и ексклузивна категорија со места веднаш до теренот, за оние што сакаат да го почувствуваат адреналинот од најблиску.
📅 Среда, 29 октомври
📍 СЦ „Јане Сандански“, Скопје
🕗 Почеток: 19:00 часот
https://ticketx.com.mk/events/legendite-na-scena-01
➡️ Ракометна магија, емоции и легенди – едно име, една љубов: Ракометот!

























