Шестмина Македонци дел од кампот „Таленти“ – меѓу предавачите Кузманоски, Штербик, Њаради, Илиќ…

Тренер на Бутел Скопје и селектор на кадетската репрезентација – Горан Кузманоски, кондицискиот тренер на Охрид, Андрија Њаради, како и шестмина македонски ракометари се дел од второто издание на кампот „Таленти“ што се одржува во Врбас.

На овој камп што се одржува од 1 до 6 јули, младите играчи имаат можност да научат многу работи од врвните ракометни стручњаци, кои своето знаење и искуство ќе им го пренесат преку различни методи на предавање.

На кампот има 50 ракометари од осум земји, а меѓу нив се и нашите Димитар Гиевски, Григор Трајковски, Христи Бикоски, Димитар Босилковски, Лука Перуновски и Методи Младеновски.

Се работи индивидуално низ специјални тренинзи по позициите, има психилошки работилници, тестирања и работа на физичкиот развој.

Координатор на овој камп е Аким Комнениќ, а директор Ненад Вучковиќ, кој беше дел од славната генерација на Србија што освои бронза на ЕП 2012.

Во тренерскиот тим се селекторот на кадетската репрезентација на Македонија и тренер на Бутел Скопје, Горан Кузманоски, кој работи со бековите заедно со Момир Илиќ и Далибор Чутура, а меѓу останатите предавачи се Никола Мариновиќ, Голуб Докниќ, Иван Никчевиќ, Жикица Милосављевиќ…додека за физичката подготовка се грижи новиот кондициски тренер на Охрид, Андрија Њаради.