Шест града, пет држави – еве каде може да игра Македонија на ЕП!

Европската ракометна федерација ги потврди шеширите пред ждрепката за групите за претстојното Европско првенство што ќе се игра од 3 до 20 декември во пет земји – Романија, Полска, Чешка, Словачка и Турција.

Македонија обезбеди место третпат по ред на континентален собир и ќе се најде во четвртиот шешир пред ждрепката, како што утринава објави 24Ракомет.

Прелиминарните групи ќе се играат во шест различни градови – Орадеа и Клуж (Романија), Анталија (Турција), Брно (Чешка), Катовице (Полска) и Братислава (Словачка).

Македонија ќе може да се падне во секоја од шесте групи, бидејќи ЕХФ нема распоредено ниту една селекција од последниот шешир како домаќин на групата. Покрај петте домаќини, само уште селекцијата на Унгарија е распоредена да игра во групата во Орадеа поради близината на Романија.

Таму ќе се игра групата А, групата Б ќе се игра во Клуж, дуелите од групата Ц се на програмата во Анталија, додека оние од Д ќе се играат во Брно. Натпреварите од групата Е се во Катовице, а тие од Ф во Братислава.

Во главната рунда ќе се пласираат прво и второпласираните во групната фаза. Шесте селекции од групите А, Б и Ц продолжуваат во Клуж, а оние од Д, Е и Ф ќе ја продолжат борбата за полуфинале во Катовице. Завршниот викенд ќе се игра во Катовице во „Сподек Арена“.

Европско првенство, ждрепка:

шешир 1: Норвешка, Данска, Унгарија, Франција, Шведска, Холандија
шешир 2: Германија, Црна Гора, Полска, Романија, Шпанија, Чешка
шешир 3: Турција, Словачка, Словенија, Швајцарија, Австрија, Фарски Острови
шешир 4: Хрватска, Србија, Исланд, Македонија, Украина, Грција

Ждрепката за групите ќе се одржи в четврток со почеток од 18:00 часот.