Тимот на Охрид во четврток, во рамки на pсмото коло од суперлигашкиот плеј-оф, на домашен терен го пречекува Бутел.
Десниот бек на охриѓани, Дејан Шешиќ, вели дека досегашните дуели од плеј-офот покажале дека нема лесен противник и дека секој може да победи секого, па така и во овој натпревар мора да влезат максимално сконцентрирано да ја одработат задачата и да освојат нови три бода.
„Бутел е незгодна екипа и не е никако за потценување. На првиот дуел таму направивме неколку грешки и сега работиме на тоа да ги исправиме. Ќе се трудиме да го искористиме домашниот терен, тука нема да дозволиме никому да биде во предност, секогаш ние треба да бидеме тие кои ќе го диктираат темпото и да одиме на победа. Мора да изиграме добро во одбраната, бидејќи од одбрана лесно е да истрчате контра и полуконтра, така да со наша добра игра во одбраната, со малку примени голови и со помош на голманите да освоиме нови три бода“, изјави Шешиќ.
По изминат пола пат од разигрувањето за титулата екипата на Охрид е на третото место и чекор поблиску до остварувањето на целта.
Десниот бек на охриѓани, вели дека иако се во добра позиција, не смеат да се опуштат и на секој нареден натпревар до крај на сезоната мора да играат по истиот рецепт како и досега, односно борба во сите 60 минути.
„Атмосферата во екипата е секогаш добра и кога се губи и кога се победува, ние гледаме секогаш атмосферата да биде на високо ниво, бидејќи тогаш подобро играме. Нормално дека после вакви победи како над Тиквеш во претходното коло атмосферата е уште подобра. Нашата цел останува излез во Европа, а се што ќе биде плус е позитивно. Овој плеј-оф се покажа како многу силен, секоја екипа е квалитетна и затоа сметам дека треба да продолжиме како и досега, да даваме се од себе и на крајот сите заедно да се радуваме на постигнатиот успех“, изјави Шешиќ.
Охрид и Бутел досега одиграле 16 меѓусебни натпревари резултатот е изедначен седум победи за Охрид, седум за Бутел, два натпревари завршиле нерешено.
Кој тим ќе дојде во предност по бројот на победи ќе покаже дуелот во четврток, 11 април, кој се игра од 19:00 часот во спортската сала „Билјанини Извори.