Шансите не се загубени – еве како Еурофарм Пелистер може до осминафинале во ЛШ

По одиграни 80 натпревари во десет кола, Лигата на шампионите ќе биде на зимска пауза до 18/19 февруари. Македонскиот првак Еурофарм Пелистер пропушти неколку прилики да собере повеќе од четири бодови во досегашниот дел од сезоната во најелитната конкуренција, но во вториот дел со нов предводник и уште четири останати средби би можел да се надева на историски пласман во осминафиналето.

По триумфот на ГОГ Гудме кај Висла Плоцк и поразот на ПСЖ кај Барса, битолчани сега се во потера по францускиот првак, иако ниту данскиот претставник не е сигурен на шестата позиција.

Многу дилеми ќе бидат решени во мечот од 11 коло кога полскиот првак Висла Плоцк ќе гостува во Битола на 19 февруари. Победа на овој меч ќе ги зголеми шансите, но и мотивацијата во останатите три кола, а триумф во Данска исто така ќе биде неопходен.

Ако нештата одат според желбите, тогаш клучен може да се покаже мечот кога францускиот ПСЖ ќе гостува во Битола на 4 март. На последниот дуел во „Блауграна“ кај Барселона, тешко е за очекување дека пелистерци можат до нешто повеќе, иако каталонскиот гигант дотогаш ќе го има потврдено директното место во четвртфинале, па може без притисок да го чека последното коло.

Во исто време директните конкуренти – ГОГ Гудме и ПСЖ (и Загреб може да влезе во битка за ТОП 6), имаат исто така тежок распоред. Францускиот првак го чекаат две гостувања на Балканот, а дома игра со ПИК Сегед и европскиот шампион Магдебург во последното коло. ГОГ Гудме ќе има „меч топки“ на домашен терен против битолчани и Загреб, но хрватскиот првак по тримфот над Еурофарм Пелистер нема сигурно туку-така да препушта бодови напролет во ЛШ.

табела:
1. Магдебург 20
2. Барселона 18
3. Висла Плоцк 12
4. ПИК Сегед 10
5. ГОГ Гудме 8
6. ПСЖ 6
7. Еурофарм Пелистер 4
8. Загреб 2

кој со кого до крајот:
Магдебург – ГОГ Гудме (д), Висла Плоцк (г), Барселона (д), ПСЖ (г)
Барселона – ПИК Сегед (г), Загреб (д), Магдебург (г), Еурофарм Пелистер (д)
Висла Плоцк – Еурофарм Пелистер (г), Магдебург (д), Загреб (г), ПИК Сегед (д)
ПИК Сегед – Барселона (д), ПСЖ (г), ГОГ Гудме (д), Висла Плоцк (г)
ГОГ Гудме – Магдебург (г), Еурофарм Пелистер (д), ПИК Сегед (г), Загреб (д)
ПСЖ – Загреб (г), ПИК Сегед (д), Еурофарм Пелистер (г), Магдебург (д)
Еурофарм Пелистер – Висла Плоцк (д), ГОГ Гудме (г), ПСЖ (д), Барселона (г)
Загреб – ПСЖ (д), Барса (г), Висла Плоцк (д), ГОГ Гудме (г)