Шампионот „сервираше“ одмазда: Ѓорче Петров го освои Чаир!

Македонскиот шампион Ѓорче Петров му се одмазди на Чаир за поразот во првиот круг и славеше на гостински терен со 30-26. Со овие бодови „лавиците“ се израмнија со лидерот Металург Автокоманда со по 17, но тимот од Автокоманда има меч помалку.

Чаир остана трет со 15 бодови и шансата ќе ја бара на следните натпревари. Голманката Вујисиќ имаше одличен настап, а најдобри стрелци беа Армина Исиќ и Емилијана Ризоска со по девет голови.

Кај Чаир се истакнаа искуната Габриела Величковска со десет и Тихани Амар со шест погодоци. Во следното коло на 10 декември Ѓорче Петров кај Астибо, а Чаир ќе гостува кај составот на Спартак.

Мечот почна со по неколку грешки на двете страни, пред Трајковиќ по пет минути да го постигне првиот гол на мечот. Следуваа одбрани на Митровиќ, па Чаир го искористи тоа за да поведе со 3-0.

Имаа шнаси домаќинките уште повеќе да ја зголемат предноста, но не успеаја, па шампионот конечно погоди за првпат од пенал за 3-1. Потоа Вранчиќ и Ризоска од крило беа прецизни за 4-4.

Сепак Чаир одново отиде на плус три, не искористи прилика за четири гола разлика, но и „лавиците“ не ги користеа своите прилики, иако Вујисиќ имаше неколку добри интервенции. На паузата беше 14-12 за Чаир.

Ѓорче Петров имаше одлично отворање на второто полувреме. Иако Николиќ промаши седмерец, двоецот Исиќ – Ризоска со серија од пет гола направија комплетен пресврт и гостинките поведоа со 17-14.

Тоа беше причина домашниот стратег Љатифи да побара тајм-аут, но ништо особено не се смени на теренот и продолжи доминацијата на „лавиците“. Кога Ризоска донесе пет плус, 23-18, тренерот на Чаир побара уште една минута одмор.

Неговите избранички заиграа малку подобро во одбраната, имаа кратки блесоци во продолжение, но примија неколку голови од пасивен напад на Ѓорче Петров и дозволија противникот да ја има контролата на теренот.

Во последните пет минути се влезе со плус пет за гостинките, 28-23, Чаир намали на минус три имаше и напад за минус два, но не беше искористен и победата ја однесе шампионот Ѓорче Петров.