Меѓу два натпревари од Лига на шампионите, битолски Еурофарм Пелистер на домашна сцена одигра „рутински меч“ против Бутел, што „зелените“ го добија со 31-21 (16-10). Без резултатска неизвесност, домаќините запишаа нови два бода на контото, и остануваат да го „бркаат“ лидерот Вардар. Бутел останува надвор од Топ-6, бидејќи е седмопласиран со 11 бода, еден помалку од Еурофарм Пелистер 2 и од Тиквеш (-1 меч).
Домаќините имаа одличен почеток на средбата, и со две серии направија голема предност. Прво поведоа со 4-1 во 5 минута, а потоа имаа уште една серија со која веќе „избегаа“ на 9-2 во 13 минута. Тука веќе беше најавено дека Бутел нема да може да чека шанса, бидејќи Еурофарм Пелистер брзо направи сериозна гол разлика. До крај на првото полувреме разликата се одржуваше на 5-6 гола, и на одмор се замина со резултат 16-10 за Еурофарм Пелистер.
И во продолжението домаќините диктираа темпо и резултат, и таа ралзика од 6-8 гола остана се до средината на полувремето кога Мирче Калајџиоски во 48 минута првпат донесе водство од десет гола, 25-15. За 12 минути немаше панса нешто драстично да се смени, победникот беше веќе решен, па остануваше само да мине времето и секој да покаже повеќе индивидуално, па и да се испроба некоја нова акција.
Во следното коло Бутел е домаќин на Радовиш, а Еурофарм Пелистер патува во Скопје кај Пролет.


























