Шампионот Еурофарм Пелистер без проблеми го совлада последнопласираниот Радовиш на гостински терен со 42-17 во натпреварот од 20 коло во Супер лигата.
Битолчани сега се вратија на второто место со 34 бода, зад лидерот Вардар со 38, а пред Охрид со 33, додека радовишани останаа последни без ниту еден освоен бод.
Капитенот Филип Кузмановски имаше девет од девет, додека крилата Атанасијевиќ и Хекбарт комбинираа 14 погодоци, најчесто од контранапади по грешките на радовишани, а одличен беше и голманот Брестовац со девет одбрани од 15 шута. Кај Радовиш се истакна Јанковски со четири погодоци.
Домашните ракометари парираа кратко време, имаа негатива од три до четири гола, а на паузата избраниците на Стевче Алушовски заминаа со плус пет, 16-11.
На стартот на второто полувреме осум гола во серија дадоа гостите од Битола за 24-11 и беше јасно каков меч ќе гледаме до крајот.
Во следното коло, шампионот Еурофарм Пелистер ќе игра на домашен терен со Прилеп, додека Радовиш ќе игра дома со Еурофарм Пелистер 2.

























