Македонскиот шампион Ѓорче Петров го донесе првото засилување пред стартот на новата сезона, во која го чекаат големи предизвици во Женската лига на домашна сцена и во Лигата на Европа на меѓународна сцена.
Станува збор за левиот бек Јана Калајџиевска, која доаѓа од тимот на Металург Автокоманда. Калајџиевска, која покрај за матичната Стружанка, долги години играше за Металург, пред лани да се пресели во новоформираниот тим од Автокоманда.
Со Металург беше дел од европските купови во повеќе наврати и со нејзиното искуство ќе биде од голема помош за стручниот штаб на шампионот предводен од Симе Симовски.
Ѓорче Петров остана без македонската репрезентативка Ангела Јанкуловска, која се пресели во чешката Славија Прага, а нејзината сестра Марија Јанкуловска се повреди за време на репрезентативните настапи и ја чека пауза.
Шампионот покрај титулата во Женската лига, ќе го брани и трофејот освоен во Купот на Македонија. Во Лигата на Европа, Ѓорче Петров ќе игра со шведскиот тим Хорс во второто квалификациско коло, а доколку го мине во третата рунда и последна пред групната фаза оди на мегдан на францускиот Париз.