Ѓорче Петров изгледа ја надмина кризата во која се најде привремено, и на едно коло пред крај на есенскиот дел од сезоната повторно е лидер, откако со 31-27 го победи Металург Автокоманда. Со одличната игра во второто полувреме и серијата од 42. до 52. минута направи предност што беше недостижна за противникот.
Сега на табелата Ѓорче Петров повторно е на лидерското место, има ист број бодови како и Металург, но подобар меѓусебен скор. Домаќинките во текот на првенството имаа еден кикс, и тоа дома кога загуби од Чаир (26-24), а меѓусебниот дуел со Металург Автокоманда заврши со реми (23-23). Тогаш ѓорчепетровки имаа водство, но во самата завршница дозволија да израмни ривалот.
Дербито на колото донесе возбудлив ракомет во првото полувреме, во кое Ѓорче Петров тргна со предност кое во повеќе наврати беше изразен со два гола. Последен пат „лавиците“ водеа со 10-8 во 18 минута, а потоа „сините“ од Автокоманда направија пресврт и поведоа со 13-11 во 24 минута.
Металург Автокоманда прв ја проби границата од три гола поведувајќи со 15-12 во 27 минута. И кога сите мислеа дека тоа можеби е клучниот период во мечот, домашните со серија од три гола израмнија на 15-15. Армина Исиќ на три секунди до крај донесе израмнување.
Потоа како што почна второто полувреме така и предноста на домашните се надѕираше, полека ја градеа а во вториот дле од мечот имаа гол разлика што успејаа даја сочуваат. Двапати и највисоките „плус 6“ со кои потврдија дека нема да се откажат од борбата за одбрана на трофеите.
Емилија Ризоска со 8 гола беше најпрецизна на средбата и кај домашните, заедно со Армина Исиќ која даде 6 гола, а Катерина дамјановска постигна 4 гола. Кајгостинките Сузана Зечевиќ даде 7 гола, а по пет постигнаа Анамарија Коларовска и Марија Јанкуловска
До крајот на годината останува уште едно коло а Ѓорче Петров гостува кај Вардар, додека Металург Автокоманда е домаќин на Астибо. Потоа во февруари продолжува вториот дел од сезоната кога треба да се одиграат уште 14 кола.

























