Фаворитот на средбата Ѓорче Петров немаше проблеми да ги освои бодовите на средбата со Вардар, откако гостинките победија со 36-20 (16-7). Со новите бодови Ѓорче Петров останува на делба на првата позиција на табелата заедно со Металург Автокоманда, и двата тима со по седум бода. Вардар е петтопласиран со само еден бод од три одиграни натпревари.
Младите вардарки не можеа да му парираат на интернационалниот состав на ѓорчепетровки, кои сепак делува како да не играат со максимална сила. По почетните 5-1 за гостинките беше јасно кој ќе победи, но и покрај тоа Вардар се обидуваше да остане во игра и да има резултат кој ќе му гарантира поголема мотивација на сопствените ракометарки. Да не беа неколку промашувања на ѓорчепетровки од чисти ситуации, односно одбраните на Ѓорѓиевска и Илиќ, разликата сигурно ќе беше повисока уште на полкувреме.
Почетните 4-0 за Вардар во второто полувреме и намалувањето на резултатот 17-10 беше знак за отрезнување за гостинките. Тренерот Симе Симовски постојано играше со најдобрата постава, но тешко одеше целосното „кршење“ на противникот. Вардарки не се предаваа иако разликата беше „плус 7“ за Ѓорче Петров
Дури во 46 минута Ѓорче Петров првпат имаше двоцифрена предност, 25-15 со голот на Николиќ, на што домашните веднаш вратија. Но, сега „десетката“ беше реалност. За разлика од четирите исклучувања до тој момент на гостите, домашните дури во 46 минута првпат добија две минути исклучување. Потоа разликата дојде на 27-16 во 49 минута, и веќе изгледаше дека се е решено.
Со три гола во серија резултатот беше зголемен на 30-16 во 52 минута, а потоа и на 31-16. Домашните се повеќе грешеа, а гостите ја користеа секоја шанса да дадат гол од контра. Немаши никакви дилеми околу победникот, туку само за конечната разлика, па избраничките на Симе Симовски рутински го довршија мечот. Најдобри стрелци кај победничкиот тим беа Дежиќ и Мацире со девет погодоци, а кај Вардар исто толку постигна Миленковска.
Во следното коло Ѓорче Петров го дочекува Куманово, а Вардар гостува во Штип кај Астибо.