Откако ги продолжи договорите со Ник Хенигман и Жарко Пешевски за наредната сезона, шампионот Еурофарм Пелистер обезбеди уште еден важен потпис.
Хрватскиот кружен напаѓач Никола Граховац и во наредната сезона ќе игра во Битола и ќе формира трио со Пешевски и Ристевски на линијата од шест метри.
„Потребни ни беа само неколку натпревари да го забележиме неговиот квалитет и да констатираме дека Никола Граховац и Еурофарм Пелистер се создадени едно за друго. Затоа со задоволство ја запознаваме јавноста со новиот договор за сезоната 2026/27, со опција и за сезоната 2027/28. Граховац пред да дојде во Македонија настапуваше во Хрватска, Унгарија и Германија. Кружниот напаѓач и во иднина ќе ги радува нашите навивачи, а со македонските репрезентативци – Жарко Пешевски и Самоил Ристевски ќе формираат огромен капитал на една од клучните позиции во ракометната игра“, се вели во објавата на клубот.
Пред да дојде во Битола, Граховац беше дел од Веспрем, Вецлар, Балинген, Загреб…























