Шампионот Ѓорче Петров ја запиша деветтата победа во новата сезона од Женската лига, откако на домашен терен славеше против Овче Поле Славјански Универзитет со 45-20 во заостанатиот натпревар од 9 коло.
Гостинките од Свети Николе успеваа да одржуваат рамнотежа на стартот, но како одминуваше времето, така Ѓорче Петров го засилуваше темпото и уште на паузата ги обезбеди трите бода, 22-11.
Второто полувреме беше само формалност и шанса за сите од тренерот Симовски да добијат минутажа. Освен голманките и повредената Николиќ, сите други се запишаа во листата на стрелците.
Најдобри беа Катерина Дамјановска со осум и Мила Ѓоргиевска со седум, додека шест постигна младата Ева Божиновска. Во тимот на Овче Поле СУ се истакна Јована Конева со седум погодоци.
Во следното коло Ѓорче Петров гостува во Гевгелија, додека Овче Поле СУ ќе игра дома со Чаир.