Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер славеше во братската пресметка против Еурофарм Пелистер 2 со 34-27 и сега е втор на табелата со 13 бодови, додека вториот битолски тим останува на седмата позиција и ја продолжува битката за плеј-оф.
Во третиот меч за четири дена, пелистерци се помачија малку да стигнат до триумф против мотивираните млади ракометари. Отпорот го скршија во последните петнаесетина минути, кога по 23-23, избраниците на Гарабаја направија серија од четири голови за 27-23.
Потоа веќе немаше проблеми за шампионот, кој до крајот одработи само рутински. Шанса на голот доби младиот Мацанковски, кој ја искористи и успеа да запише десет интервенции. Меѓу стрелците се истакнаа Хекбарт со седум, како и Кузмановски, Петар Атанасијевиќ и Хаџиќ со по пет гола.
Во младиот состав на Еурофарм Пелистер 2 не играа искусните и оние со поголема минутажа, а шанса добија оние што помалку играа во досегашниот дел од сезоната. Бојан Гичев доминираше со седум гола кај Еурофарм Пелистер 2, а четири постигна Фехми. Голманот Младенов запиша 11 интервенции.