Шампионот Еурофарм Пелистер се раздели со петмина ракометари

Шампионот Еурофарм Пелистер од Битола на свечена завршна церемонија за акционерите и спонзорите ја одбележа крајно успешната сезона 2024/25. Настанот, одржан во Битола, мина во знакот на благодарност и позитивна енергија, каде беа сумирани впечатоците од шампионската година.

На церемонијата се обратија првиот човек на клубот Зоран Стерјев, тренерот Раул Алонсо и капитенот на тимот Филип Кузмановски. Сите ја истакнаа важноста на континуирана поддршка, стабилноста на проектот и резултатската зрелост на тимот.

Беше потврдено заминувањето на пет ракометари по истекот на нивните договори. Битолскиот првак се прости со Урош Борзаш, Емилијан Ѓорговски, Ненад Костески, Мохамед Шабиб Мамду и Павле Петровиќ.

Клубот им се заблагодари за вложениот труд и им посака многу среќа во понатамошната кариера.

Сезоната беше комплетирана со уште еден успех – Еурофарм Пелистер 2, се враќа во Супер лигата, откако ја освои титулата во Првата лига.

Иако сениорската сезона заврши, клубот се уште има обврски – младинскиот состав на Еурофарм Пелистер ќе учествува на завршниот турнир од Лигата на шампионите што ќе се одржи следниот викенд во Дормаген и Келн (Германија), со што и официјално ќе биде спуштена завесата на оваа сезона.